„Забавна за момент, кобна за цел живот“. Ова е мотото на годинешната кампања за подигање на свеста за опасноста од употребата на пиротехнички средства. Иако денешната демонстрација беше само симулација, надлежните предупредуваат дека во реалноста, последиците можат да бидат трајни и катастрофални.
Лекарите и полицијата упатија заеднички апел: Новата година може да биде забавна и без употреба на пиротехника, која често резултира со сериозни повреди како губење на екстремитети (ампутации) и тешки изгореници.
Три деца завршиле на хирургија лани
Статистиката од минатата година е загрижувачка. Само на Клиниката за детска хирургија биле хоспитализирани три деца со тешки повреди настанати од употреба на петарди и други пиротехнички средства. Експертите нагласуваат дека превенцијата мора да започне многу рано – со едукација на децата уште од предучилишна возраст, за да се искорени оваа опасна навика.
Запленети трипати повеќе пиротехника од лани
Министерството за внатрешни работи (МВР) годинава бележи рекордни резултати во сузбивањето на нелегалната трговија со пиротехника.
„Годинава МВР заплени 150.000 парчиња пиротехника, што е за три пати повеќе во споредба со минатата година“, информираат од полицијата.
Надлежните апелираат до граѓаните, а особено до родителите, да не купуваат и да не им дозволуваат на децата да користат петарди, бидејќи една секунда невнимание може да остави белег за цел живот.
