Благодарение на својата силна боја, освежителен вкус и богатство од хранливи материи, агрумите се омилен состојка во многу јадења – од лесни салати до десерти. Иако сите цитрусни плодови се здрави, едно овошје особено се издвојува. Диететичарката Кристен Карли открива кое цитрусно овошје ја носи титулата „најздраво“ – а одговорот е портокалот.
Според неа, портокалите и 100% природниот сок од портокал се исклучително богати со витамин Ц. Тие содржат повеќе витамин Ц од јаболка, лимони или јагоди, поради што се еден од најдостапните извори на овој важен нутриент. Бидејќи телото не може само да произведува витамин Ц, важно е редовно да се внесува преку исхраната. Корисен совет е да се користи и изрендана кора од портокал, бидејќи и таа содржи овој витамин.
Портокалите содржат и хесперидин, растително соединение што делува како антиоксиданс и ги штити клетките од оштетување. Истражувањата покажале дека хесперидинот може да помогне во регулирање на крвниот притисок и холестеролот, а истовремено го заштитува нервниот систем од воспаленија. Со тоа потенцијално се намалува ризикот од заболувања како деменција или Паркинсонова болест.
Покрај тоа, портокалите се добар извор на фолна киселина (витамин Б9). Овој витамин е важен за растот и развојот на клетките, особено во текот на бременоста, но и за здравјето на срцето кај возрасните. Еден среден портокал обезбедува околу 6% од дневните потреби за фолна киселина, додека една чаша сок може да даде и до 15% од препорачаната дневна количина. Сокот од портокал е еден од ретките природни овошни сокови што природно го содржат овој нутриент.