Пред 29 години на осми септември граѓаните на Република Македонија на сите идни поколенија на оваа земја им го дадоа најголемиот подарок, независноста на државата, сонот на сите претходни генерации за независна и слободна се исполни, истакна премиерот Зоран Заев во свеченото обраќање по повод Денот на независноста на државата. Тој рече дека добро се сеќава на денот на прогласувањето на државата.
„Добро го паметам Осми септември 1991 година. Денот на референдумот за независноста. Засекогаш ми се врежани во глава сликите од прославата на плоштадот Македонија и зборовите со кои претседателот Глиговор ни ја честиташе државата. И татнежот на македонската химна, најубавата химна на светот.“, рече Заев.
Патот на независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации, а 8 септември претставува круна на вековниот стремеж, но денеска имаме обврска да ја зачуваме и развиваме македонската држава. Ја исправивме државата на правиот пат на патот кон Европската унија и членството во НАТО, рече Заев во својот говор.
„Доаѓа време на ред правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Таа ќе биде најважната приказна. Започнуваме нова македонска економија. Ја трансформираме нашата економија во динамична, иновативна, отворена и конкурентна. Економија подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој“, изјави Заев.
Тој ги повика граѓаните да придонесат за градењето на нашата држава, секој на свој начин, а воедно ја повика и опозицијата да ги напушти теснопартиски интереси и да покаже државничко однесување. Напомена дека главен предизвик од годинава станува и справувањето со пандемијата Ковид 19. Свеченоста на одбележувањето на независноста започна рано изутрина со положување на венци и свежо цвеќе на гробот на првиот претседател на државата Киро Глигоров, како и на поранешниот трагично загинат претседател Борис Трајковски.
.
