Заев за формирањето војска на Косово: Не е време, не ни требаат нови тензии

По завршувањето на денешната Национална конференција за градоначалници, премиерот на Македонија Зоран Заев одговораше на новинарски прашање. Едното од нив беше и за штотуку одлуката на Собранието на Косово земјата да добие своја армија.

Премиерот на Македонија истакна дека можеби не е време сега за тоа, и апелираше до челниците на сите земји од Балканот да внимаваат на своите чекори.

„Знам дека и ставот на НАТО е тој, не е време. Не ни се потребни дополнителни нови тензии. Да не заборавиме дека Балканот нема намера повторно да биде буре барут. Апелирам до сите колеги да внимваат на своите чекори, затоа што наша заедничка цел на земјите од Западен балкан кои имаме аспирации кон членство во ЕУ, да ја унапредиме соработката и да обезбедиме вечен мир и одлични односи“, рече Заев кој додаде дека верува земјите од овој дел ќе се движат во вистинска насока.

„Апел и до мерките кои постојат во делот на царините, да ги преиспитаме, да се вратиме, да ги почитуваме меѓународните заедници. Ако политичарите бидат повнимателни во нивните изјави, верувам дека овој дел, вклучувајќи ја Македонија и нејзините соседи ќе се движиме во вистински правец“, рече македонскиот премиер.

Извор: ТВ21