Запален автомобилот на пратеникот Петар Ристевски

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Олга Лозановска, на својот Фејсбук профил објави дека синоќа бил опожарен автомобилот на пратеникот Петар Ристевски од Прилеп.

„ВАКА ЛИ ЌЕ ГРАДИМЕ ЕВРОПСКА ДРЖАВА???
КОЛАТА НА ПРАТЕНИКОТ ПЕТАР РИСТЕВСКИ ОД ПРИЛЕП ЗАПАЛЕНА ПРЕД НЕГОВАТА КУЌА!
СРАМНО И ЖАЛНО!
предавство#притисоци#закани#уцени
Избори ВЕДНАШ!!„ – напиша Лозановска на својот Фејсбук профил.

Се вчитува...

Од СВР-Битола за 4news.mk веста ја потврдија. Во соопштението испратено до нашиот медиум се вели дека покрај возилото на пратеникот Ристевски, од пожарот било зафатено и возилото на неговиот татко.

„На 20.07.2022 во 01.45 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Цар Самоил“ во Прилеп настанал пожар во патничко моторно возило „шкода кодиак“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на П.Р.(45) од Прилеп. Од пожарот било зафатено и патничко моторно возило „пежо 206“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко Б.Р.. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на СВР-Битола.