Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај затече запалена дива депонија составена од опасен отпад и градежен шут. Локализиран е пожарот по брзата интервенција од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје, а дополнително затечени се палења на стрништа во Крушопек и Лака, а сторителите се санкционирани. Во изминатата недела инспекторите за животна средина и комуналните инспектори на град Скопје имаат изречено казни на над 100 сторители.
Нашите инспектори продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад.
На територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска.