Започна забраната за фрлање ѓубре, 50 евра ако ве фатат во текот на ноќта

Од вечерва во Скопје важи новата забрана за фрлање отпад во јавни контејнери во периодот од 22:00 до 06:00 часот. Одлуката, потпишана од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, има за цел да го намали хаосот со отпадот во градот. Забраната не се однесува на приватните канти пред домовите.

Градот располага со 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 редари кои ќе патролираат и по полноќ за да ги санкционираат прекршителите. Казната за граѓаните е 50 евра, додека за правните лица изнесува од 1.300 до 1.800 евра, зависно од видот на отпадот.

Од „Комунална Хигиена“ најавуваат дека првично нема да се изрекуваат казни, туку ќе се даваат опомени преку ЕКО патролите.

Дел од граѓаните ја поздравуваат мерката, но истакнуваат дека потребна е поголема свест и редовно спроведување на правилата. Други остануваат скептични дали ќе функционира на подолг рок.

Ова е прв голем предизвик за новиот в.д. директор на „Комунална Хигиена“, Драги Митковски, кој ја презеде функцијата по акцијата за чистење на депониите во градот.