Македонија

Започнаа контролите за цените на училишниот прибор – глоби до 10.000 евра и забрана за работа за прекршителите

Започнаа контролите за цените на училишниот прибор – глоби до 10.000 евра и забрана за работа за прекршителите

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) започна со засилени теренски контроли кај правните субјекти и трговците низ целата земја, за да утврди дали се спроведува новата одлука на Владата за намалување на цените на училишниот прибор. Мерката, која стапи на сила на 25 август и ќе трае до 30 септември 2026 година, предвидува задолжително намалување на цените за најмалку 10% во трговијата на големо и најмалку 15% во трговијата на мало.

Според владините одредби, за основ се земаат цените кои се применувале на 1 јуни 2026 година (со исклучок на тогашните акциски продажби). За производите набавени по овој датум, намалувањето се пресметува врз основа на материјалната евиденција во големопродажбата односно приемните листови во малопродажбата.

Со оваа одлука се опфатени специјализираните книжарници, продавниците за спортска опрема кои продаваат ранци и ташни, како и сите поголеми маркети и трговци кои во својот асортиман нудат училишен прибор.

Јасни ознаки „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и остри санкции

Трговците на мало имаат обврска сите производи со намалени цени јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“ (достапен за преземање на веб-страницата на Министерството за економија и труд), а покрај него задолжително да бидат истакнати и старата и новата, намалена цена.

Од Инспекторатот предупредуваат дека нема да има толеранција за прекршителите. Тимовите на ДПИ ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите:

Парични глоби: од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината и типот на трговскиот субјект.

Привремена забрана за работа: за целосно непочитување на одлуката предвидено е затворање на објектот во траење од 15 дена.

Од ДПИ апелираат до сите трговци доследно да ги почитуваат пропишаните мерки и ги повикуваат граѓаните да ги пријават сите уочени неправилности и превисоки цени на бесплатниот телефонски број 191 или електронски преку официјалната веб-страница www.dpi.gov.mk.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни