„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска е во работна посета на Општина Ресен, каде оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните.

Во фокусот на разговорите беа локалните проблеми, при што особено беше нагласено прашањето за миграцијата и одливот на младите од Ресен и Преспанскиот регион. Беше акцентирана и важноста на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се вложуваат значителни средства за развој на општината, која, како што беше кажано, има најголем бенефит од европските фондови.

Во изјавата по средбите, претседателката истакна дека нејзината посета на Ресен не е случајна.

„Зошто си ја почнав мојата таканаречена турнеја од Ресен? Неслучајно, бидејќи основната причина беше грижата за Преспанското Езеро“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека добила темелни податоци за состојбата со езерото.

„Добив податоци, меѓу кои и оној дека не е основната причина во енормното и неконтролираното користење на водата, туку во понирањето, односно во природата, и дека во историјата сме имале и друг пат вакви ситуации“, рече претседателката.

Таа изрази оптимизам за иднината на градот, пофалувајќи ги европските проекти.

„Од разговорот со градоначалникот, разбрав дека – да, овој град има иднина, само што има потреба од поголема поддршка. Проектот ‘ЕУ за Преспа’ навистина е не само инспиративен, туку и темелен проект, како да се активира или да се реактивира туризмот, земјоделието, економијата, справувањето со депониите“, истакна таа, додавајќи дека некои од решенијата во проектот може да бидат модел и за други.

Како решение за задржување на младите, Сиљановска-Давкова, покрај потребата од стратешки пристап кон медицинскиот и културниот туризам, ги посочи и новите технологии.

„За среќа, вештачката интелигенција и дигитализацијата, овозможуваат овде да живеете, а да работите на друго место, но за тоа треба еден исчекор“, рече претседателката.

Во рамки на посетата, предвидено е претседателката да посети и неколку културни институции, како и производствениот погон „Свисслион Агроплод – Ресен“. Попладневниот дел од посетата е посветен на дебата со претставници на невладини организации и локални институции, со фокус на еколошките предизвици и зачувувањето на Преспанското Езеро.