Numbeo ја рангираше Македонија на 79. место од вкупно 100 држави во светот според Health Care Index by Country 2026, со што земјата се најде меѓу 25-те најслабо оценети држави во однос на здравствената заштита.
Според објавените податоци, Македонија има Health Care Index од 55,4 и Health Care Exp. Index од 99,3. Индексот е базиран на кориснички искуства и перцепции за функционирањето на здравствениот систем, а не на официјални мерења на меѓународни здравствени институции.
Во рангирањето, пред Македонија се најдоа Украина, Грузија и Романија, додека зад неа се Босна и Херцеговина, Алжир и Унгарија. Од земјите во регионот, подобро рангирани се и Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија и Романија, додека послаби оценки добиле Србија, Албанија и Црна Гора.
На врвот на листата се Тајван со индекс 87,1, Јужна Кореја со 82,9, Холандија со 81,5 и Јапонија со 80,1.
Numbeo објаснува дека податоците се собираат преку анкети и мислења на посетители на платформата, а потоа се претвораат во скала од 0 до 100. Индексот ги опфаќа перцепциите за квалитетот на услугите, медицинската опрема, персоналот, лекарите, брзината на услугите, достапноста и трошоците.
Платформата наведува и дека резултатите може да содржат одредена пристрасност, бидејќи се темелат на субјективни кориснички искуства, а не на официјални статистички показатели како број на лекари, време на чекање или смртност од болести.
Сепак, ниската позиција на Македонија, според анализата, укажува на незадоволство кај граѓаните од практичните аспекти на здравствениот систем — закажувањето прегледи, достапноста на терапија, состојбата во болниците и довербата во институциите.
Анализата ја пренесе и платформата Visual Capitalist, која дополнително ги споредува резултатите со трошоците за здравствена заштита по жител. Во таа споредба, Македонија е наведена со проценет годишен трошок од околу 639 долари по лице за здравствена заштита.