Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе биде информиран за дијалогот на преговарачкиот тим со американски официјални претставници и ќе ги добие сите документи поврзани со мировниот план, изјави највисокопоставениот преговарач од Киев, Рустем Умеров.
Во објава на комуникациската апликација „Телеграм“, Умеров додаде дека главната задача на преговарачкиот тим на Киев за време на неодамнешните преговори во САД била да добие целосни информации за разговорите на САД со Москва и сите нацрти на предлози.
„Заедно со сите партнери мораме да направиме сè што е можно за достоинствен крај на оваа војна“, изјави тој.
Британскиот премиер Кир Стармер денес ќе го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон за дискусии за плановите за мир во Украина, јавија Пи Еј Медиа и ДПА.
На состанокот ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Се очекува фокусот да биде на тоа каков одговор ќе биде даден на американските предлози за прекин на војната во Украина.
Зеленски пристигнува во Лондон откако украинските претставници во текот на три дена дискутираа со американските претставници за предлозите на САД за мир, во услови на притисокот што Белата куќа го врши врз Киев да ја прифати спогодбата.
За време на викендот Зеленски изјави дека ги дискутирал „следните чекори“ со советниците на американскиот претседател Доналд Трамп и дека е „решен да продолжи да работи совесно“.
Украина и нејзините европски сојузници најверојатно ќе инсистираат тоа евентуално запирање на огнот да биде договорено со гаранции од САД, како и од „коалицијата на заинтересираните“, предвидена од Велика Британија и Франција.
Војната во Украина и денес е водечка тема во бројни американски и британски изданија.
Британскиот весник Гардијан наведува дека според претседателот на САД, Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски „не е подготвен“ да го потпише предлогот за мировно решение изготвен од САД, со цел да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
Коментарите на Трамп беа објавени во момент кога се очекува Зеленски да се сретне денес во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и со лидерите на Франција и Германија, а дискусиите ќе се фокусираат на продолжувањето на преговорите меѓу САД и Украина, наведува изданието.
Стармер повеќепати истакнал дека Украина сама треба да го одреди своето иднина и дека европските мировни сили треба да имаат „житно важна улога“ во гарантирањето на безбедноста на земјата, забележува Гардијан.
Според весникот Њујорк тајмс, Украина засега има доволно ресурси за да го спречи колапсот на фронтот. Сепак, линијата на фронтот започнува да се препукува, а рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Украина страда од недостиг на војници и несигурност околу западната помош и дека е подобро да се согласи со неговите барања, пред нејзините позиции дополнително да се влошат.