Украинскиот претседател Володимир Зеленски не е подготвен да прифати договор за минерали со Соединетите Американски Држави, бидејќи Украина гледа голем број „проблематични прашања“ во нацрт-договорот, потврди денеска украински извор запознаен со преговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за минерални суровини со Украина е блиску, но извор запознаен со преговорите изјави за Скај њуз дека украинскиот претседател сè уште не е подготвен да го потпише.
„Договорот сè уште не е подготвен за потпишување, има голем број проблематични прашања, а во сегашната форма на нацртот, претседателот (Володимир Зеленски) не е подготвен да го прифати. Сегашните нацрти не го одразуваат партнерството во договорот и содржат само еднострани обврски на Украина“, изјави украински извор.
Трамп претходно изјави дека сака Украина да потпише договор за пристап до природните ресурси на земјата во замена за оружје, а неговиот советник за национална безбедност Мајк Волц неделава изјави дека ќе се постигне договор.
„Еве ја суштината – претседателот Зеленски ќе го потпише тој договор, и ќе видите, за многу кратко време“, рече Волц вчера, на конференцијата на Конзервативната политичка акција во Мериленд.
Се верува дека американските преговарачи ја подигнале можноста за прекин на пристапот на Украина до виталниот сателитски интернет систем на Илон Маск, Старлинк, доколку таа не се согласи со договор.