Руски напади со дронови врз енергетски објекти во северна и јужна Украина во текот на ноќта оставија речиси 60.000 корисници без струја, а украинскиот претседател Володимир Зеленски вети одмазда наредувајќи нови удари длабоко на територијата на Русија.
Три и пол години од почетокот на војната, Русија и Украина во последните недели ги засилија воздушните напади. Русија таргетираше украински енергетски и транспортни системи, но и цивилна инфраструктура, додека Украина напаѓаше руски нафтени рафинерии и гасоводи.
„Ќе продолжиме со нашите активни операции токму онака како што е потребно за одбраната на Украина. Силите и ресурсите се подготвени. Планирани се и нови длабоки удари“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х по состанокот со врховниот украински генерал Олександар Сирски, без дополнителни детали за плановите.
„Критичната инфраструктура работи со помош на генератори“
Како што наведува „Reuters“, најголемата приватна украинска енергетска компанија, DTEK, соопшти дека руските дронови во текот на ноќта нападнале четири енергетски објекти во регионот Одеса, а локалните власти информираа дека рано утринава без струја останале 29.000 луѓе. Најтешко е погоден пристанишниот град Чорноморск, во близина на Одеса, каде што се оштетени куќи и административни згради, изјави Олег Кипер, гувернер на поширокиот регион Одеса.
„Критичната инфраструктура работи со помош на генератори“, информираше Кипер на апликацијата Телеграм. Едно лице е повредено во нападот, додаде тој.
Руските дронови рано утринава ја нападнаа и северната украинска област Чернихив, оштетувајќи енергетска инфраструктура и оставајќи 30.000 домаќинства без струја, вклучувајќи дел од градот Нежин, изјави локалниот гувернер Вјачеслав Чаус.
Украинската војска соопшти дека Русија во текот на ноќта ја нападнала Украина со 142 дронови, а воздушните сили за одбрана успеале да соборат поголем дел, но дронови сепак погодиле 10 локации. Министерството за одбрана на Русија изјави дека нивните сили погодиле украинско пристаниште, кое го оквалификуваа како воена цел.
„Успешна“ руска летна офанзива
Засиленото војување во последните недели се случува во време кога американскиот претседател Доналд Трамп води иницијатива за завршување на војната.
Украинската војска денес информираше дека, и покрај тврдењата на Москва за успешна летна офанзива, руските сили немаат воспоставено целосна контрола врз ниту еден поголем град во Украина и во голема мера ги преувеличиле податоците за освоени територии.
Шефот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, вчера изјави дека Русија од март зазела повеќе од 3.500 квадратни километри територија во Украина и презела контрола врз 149 села.
„И покрај тврдењата на Герасимов, руските сили не стекнале целосна контрола врз ниту еден поголем град“, стои во изјавата на Генералштабот на вооружените сили на Украина на социјалните мрежи.
„Европските сили ги попречуваат мировните напори на Трамп“
Кремљ денес изјави дека европските сили ги попречуваат мировните напори на Трамп и дека Русија ќе ја продолжи својата операција во Украина сè додека Москва не види вистински знаци дека Киев е подготвен за мир. Москва во изминатата недела двапати изврши големи напади, убивајќи десетици цивили и уништувајќи нивни домови и градска инфраструктура.
Американскиот специјален изасланик за Украина изјави дека руските напади ги поткопуваат напорите на Трамп за завршување на војната, додека папата Лав денес повика на прекин на огнот и дијалог.
„Време е оние кои се одговорни да се откажат од логиката на оружјето и да тргнат по патот на преговорите и мирот со поддршка на меѓународната заедница“, изјави папата Лав во својата неделна молитва со аџиите на плоштадот Свети Петар, пренесува „Index“.