Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше од Киев по вчерашните преговори меѓу Украина и САД во Џеда, кои ги опиша како „конструктивни“.
„Сакаме да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски.
„И ние сакаме американскиот претседател да го види тоа. Сакам Американците да го видат и почувствуваат тоа“, посочи тој.
Зеленски нагласи дека сака да го искористи евентуалното 30-дневно примирје со Русија како можност за создавање постојан мировен план.
„Многу е важно да бидеме слушнати, за секој да има право да ги изразува и споделува клучните приоритетни прашања“, рече тој.
Тој додаде дека „не слушнал ништо“ за наводната втора покана во Белата куќа за уште една средба со Доналд Трамп.
„Нема да признаеме ниту една територија окупирана од Русија. Ова е факт. Нашиот народ се бореше за ова, нашите херои ги дадоа своите животи… Така што никој нема да го заборави ова. Кога велам дека никој нема да заборави, тоа се нашите главни црвени линии“, рече Зеленски на прес-конференција.
Тој истакна дека државата нема да дозволи никој да го заборави ова злосторство против Украина.
Украинскиот лидер рече дека, доколку Русија ги отфрли предлозите изнесени за време на состанокот на украинската и американската делегација во Џеда, Киев смета на силни чекори од страна на САД во насока на притисок врз Русија.
„Колку што разбрав, можеме да сметаме на силни чекори преземени од САД кон руската страна. Се уште не ги знам деталите, но зборуваме за санкции и зајакнување на Украина“, рече Зеленски.
„Потоа, поддршка дадоа нашите европски колеги, кои исто така ги поддржаа нашите сериозни чекори за ставање крај на војната. И тие рекоа дека топката е на теренот на Русија. И ова е факт. Затоа мислам дека санкциите или другите чекори за притисок врз Русија ќе зависат од американската страна. Од нивниот дијалог со руската страна. Ако добро разбрав, чекорите се мир преку сила“, рече Зеленски, пренесува Украински Интерфакс.