Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе се одржи во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, во среда и четврток – 4 и 5 февруари, објави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој додаде дека Киев е подготвен за „суштинска дискусија“.
„Нашиот преговарачки тим штотуку ми презентираше извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени – 4 и 5 февруари во Абу Даби“, изјави украинскиот шеф на државата на социјалната платформа „Екс“.
„Украина е подготвена за суштинска дискусија и ние сме заинтересирани исходот (од овие состаноци – забелешка на уредникот) да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната“, истакна тој.
Вчера, Зеленски изјави дека украинските претставници се подготвуваат за дипломатски средби следната недела. Според агенцијата Франс Прес, со оваа изјава тој сигнализирал дека опцијата за средба денес во Абу Даби меѓу Русија и Украина со посредство на САД, како што се шпекулираше, е исклучена.
