Претставници на земјоделците од романската област Муреш побараа денеска прекин на транзитот на украинско жито низ територијата на Романија, тврдејќи дека повеќе од половина од количината што влегла во земјата од Украина била продадена на домашниот пазар пред да стигне на пристаништето Констанца, објави Агерпрес.
Освен тоа, земјоделците од Муреш не се задоволни од високите акцизи на дизел горивото, цените на осигурувањето од автомобилска одговорност и законските измени кои стапија на сила од 1 јануари, вклучително и плаќањето на здравственото осигурување од земјоделските работници.
Своите барања ги изнесоа на средба со префектот на округот Муреш, Ципријан Добре, по што рекоа дека разговорите не доведоа до никаков конкретен резултат, без да дадат дополнителни детали за медиумите.
„Го завршивме првиот круг разговори со земјоделците (…) Разговаравме, пред сè, за општите прашања што предизвикаа незадоволство кај земјоделците. (…) Што се однесува до нас, ја изразуваме нашата целосна подготвеност за дијалог и за разбирање на проблемите што ги имаат земјоделците во Романија, односно во округот Муреш и ќе продолжиме во текот на денот и во наредните денови средбите со апсолутно сите што сакаат да разговараат со нас, со институцијата префектот“, изјави по завршувањето на разговорите, префектот на округот Муреш Ципријан Добре.
Тој истакна дека барањата што ги поставиле земјоделците не се во надлежност на институцијата на префектот.
„Зборувавме генерално за работите што ги знаеме од сите јавни медиуми, а тоа е фактот дека увозот и овој коридор на жито што се движи од Украина до различни дестинации создава проблеми во сферата во која тие ја развиваат својата дејност (… ) Мојата порака секогаш ќе биде повик за рамнотежа“, додаде префектот.
Во исто време, Украина повторно извести дека романските земјоделци кои протестирале блокирале два гранични премини на романско-украинската граница, објави Укринформ.
Државната гранична служба на Украина информира дека денеска околу 12 часот бил блокиран граничниот премин Сирет/Порубне, при што е запрен само преминот на камиони, а во двата правци е дозволен премин на други видови возила, како и на пешаци.
Сообраќајот е блокиран и преку граничниот премин Викову де Сус/Красноилск. Двете точки се наоѓаат во романската област Сучеава.
Агенцијата потсетува дека граничниот премин Сирет и во саботата и неделата беше блокиран од романските земјоделци кои протестираа.