Македонија

Земјоделците со повисоки трошоци, а пониски цени на производството

Земјоделците со повисоки трошоци, а пониски цени на производството

Земјоделските производители се соочуваат со повисоки трошоци, додека цените на земјоделските производи бележат пад. Податоците на Државниот завод за статистика за јули 2026 година покажуваат дека цените на средствата што се користат во земјоделството се зголемиле, додека цените на земјоделското производство се намалиле во однос на истиот месец лани.

Вкупниот инпут во земјоделството во јули бил повисок за 4,1 процент на годишно ниво. При тоа, средствата за тековна потрошувачка, односно инпут 1, поскапеле за 3,7 проценти, додека средствата наменети за инвестиции во земјоделството бележат уште поголем раст од 8,9 проценти.

Меѓу тековните трошоци, најголем годишен раст има кај ветеринарните услуги, кои поскапеле за 10,8 проценти. Следуваат енергијата, горивата и мазивата со раст од 7,9 проценти, средствата за заштита на растенијата со 3,9 проценти и семињата со 3,4 проценти.

Кај инвестициите, најзначително зголемување има кај транспортната опрема, чија цена е повисока за 17,3 проценти. Машините и опремата поскапеле за 13,7 проценти, додека цените на зградите бележат минимално намалување од 0,3 проценти.

Од друга страна, аутпутот, односно цените на земјоделското производство, во јули годинава се намалиле за 5,5 проценти во споредба со јули 2025 година.

Најголем пад е регистриран кај растителното производство, каде цените се пониски за 6,8 проценти. Кај добиточното производство намалувањето е помало и изнесува 0,2 проценти.

Особено значителен пад има кај цените на овошјето и грозјето, кои се намалиле за 13,2 проценти, како и кај зеленчукот, со пад од 11,4 проценти. Цените на добиточните растенија се пониски за 3,7 проценти.

Спротивно на тоа, индустриските растенија бележат раст на цените од 19 проценти, додека кај компирот има зголемување од 2,1 процент, а кај вината од 4,3 проценти. Цените на житата и оризот останале речиси непроменети.

Кај добиточното производство, цените на добитокот за колење пораснале за 9,5 проценти, додека производите од животинско потекло поевтиниле за 5,7 проценти.

Податоците покажуваат дека земјоделскиот сектор во јули се соочил со спротивни движења – производните трошоци растат, додека вредноста на земјоделскиот аутпут во просек се намалува, што може дополнително да го зголеми притисокот врз земјоделците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни