Институтот за јавно здравје информира дека во втората недела од 2026 година во Македонија се регистрирани 2.322 нови случаи на грип и заболувања слични на грип.
Ова претставува пораст од 34,6% во споредба со претходната недела, а бројките се за речиси 40% повисоки во однос на просекот за последните 15 години. Вирусот моментално е со средна активност на национално ниво.
Најголем број заболени лица припаѓаат на возрасната група од 15 до 64 години, додека највисока инциденца е забележана кај децата до четиригодишна возраст.
Најмногу случаи се регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово, а многу висока активност на вирусот е забележана во Дебар, Охрид, Македонски Брод, Кавадарци и Неготино.
Во извештајниот период е пријавен и еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за 75-годишна жена од Скопје со претходни коморбидитети, која не била вакцинирана против сезонски грип.
Лабораториските анализи го потврдија присуството на вирусот инфлуенца А, кој е доминантен во оваа сезона.
Епидемиолозите очекуваат бројот на заболени дополнително да расте во наредниот период, со оглед на тоа што врвот на сезоната во Македонија вообичаено се случува меѓу средината на јануари и средината на февруари.
И покрај раниот почеток на сезоната, надлежните сметаат дека состојбата е во рамките на очекуваното и засега не се предвидуваат дополнителни рестриктивни мерки, како што е продолжување на училишниот распуст.
Како клучни препораки за заштита се наведуваат редовно проветрување на просториите, избегнување на масовни собири, зајакнување на имунитетот и вакцинација.
Лекарите апелираат децата со симптоми на респираторни инфекции да не се носат во градинка или училиште, а возрасните да останат дома за да се спречи ширењето на вирусот. Доколку симптомите се влошат, пациентите треба веднаш да се обратат кај својот матичен лекар.
