Свет

Зграда во Турција „проголта“ автомобили (ФОТО)

Зграда во Турција „проголта“ автомобили (ФОТО)

На Твитер се шират фотографии од турскиот град Адијаман, еден од најтешко погодените од разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, кој минатиот понеделник го погоди југот на земјата.

На фотографиите се гледаат згради кои ги „изеле“ автомобилите, паркирани до нив. Долниот кат од зградата се урнал како палачинка, а горните катови се спуштиле врз автомобилите.

„Стаклото на зградата остана недопрено. Излезе дека стаклото е поцврсто од основната структура“, напиша еден корисник на Твитер.

Нестабилноста и несоодветната градба на старите згради доведоа до големи разурнувања во земјотресот. Видеата од градовите во близина на епицентарот покажуваат разорна форма на колапс што некои ја нарекуваат палачинка. Ова се случува кога целата зграда ќе се урне, при што секој кат паѓа еден врз друг, така што изгледаат како „палачинки“ на чинија. Шансите за преживување во вакви згради кои се уриваат се минимални, пишува Дојче веле.

„Висококатниците со вакво уништување се веројатно стари и имаат мека конструкција“, вели Мехди Кашани, вонреден професор по градежништво и инженерска сеизмологија на британскиот универзитет во Саутемптон.

Зградите со меки катови имаат ходници со прозорци, широки врати и други отвори на места каде што треба да има носив цврст ѕид за објектот да издржи земјотрес. Кога еден од овие коридори се наоѓа на еден од долните катови, неговото уривање може да ја урне целата структура на зградата.

Иако некои згради долж границата меѓу Турција и Сирија во области подложни на земјотреси беа изградени за да издржат разорни земјотреси, повеќето беа изградени пред да се измисли „сеизмичка конструкција“. „Основните принципи на градба, кои ги штитат зградите од силни земјотреси, почнаа да се развиваат во 1960-тите и 70-тите години, што значи дека тие не се враќаат во длабокото минато“, забележува Кашани.

„Земјотресот во Кобе (Јапонија) во 1995 година беше клучна точка и пресвртница што доведе до промена на многу работи што тргнаа наопаку тогаш, (сеизмичките) кодови почнаа да се менуваат“, вели тој.

Сеизмичките кодови се прописи кои регулираат како да се гради во чувствителни области, односно области во чија близина се движат тектонските плочи и се судираат. Големи штети претрпеа зградите кои не се изградени во согласност со сеизмичките прописи во земјотресот што се случи во Турција.

Кашани рече дека постарите згради може да се реконструираат за подобро да издржат земјотреси — практика во Јапонија и Чиле, каде што земјотресите се вообичаени. „Меѓутоа, тоа бара пари и политичка волја и затоа не се прави секаде каде што треба“, забележува Кашани.

Но, уништувањето не следело само поради начинот на градба. Силата на земјотресот беше „непростлива“. Според Кашани, станува збор за „плиток земјотрес“. Ова значи дека судирот на тектонските плочи се случил поблиску до површината на Земјата што го прави ударот на земјата многу посилен отколку ако судирот се случил на длабочина, кога би требало подолго време да се достигне површината.

Тоа е како бран во океанот, објасни Кашани. „Огромен бран веднаш ќе го собори сурферот во близина од неговата даска. Но, кога тие бранови доаѓаат од далеку и патуваат преку океанот, тогаш тие слабеат и немаат големо влијание дури и на почетниците сурфери.

Одговорот на прашањето дали земјотресот бил плиток или длабок објаснува зошто некои земјотреси со релативно мали магнитуди предизвикуваат големи разурнувања.

Во врска со ова, Кашани го споменува земјотресот во Бам, кој го погоди Иран во 2003 година. Иако имаше јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, што во други околности би резултирало со мал број жртви, во него загинаа повеќе од 25.000 луѓе бидејќи се работи за „плиток земјотрес“.

„Материјалите што се користат во градежништвото не се најважната ставка за да се осигура дека зградата може да издржи земјотрес“, рече Кашани. Бетонската конструкција е поважна.

На пример, со правилен дизајн на зградата, бетонска конструкција може да обезбеди одлична основа за градба отпорна на земјотрес. Но, ако конструкцијата е неправилно структурирана, бетонската зграда може да се урне како станбените згради што се гледаат на снимките од Турција и Сирија.

Сегашната „сеизмичка конструкција“ им овозможува на зградите да издржат многу силни земјотреси без да се рушат, што не само што ги спасува животите на нејзините жители, туку и животите на луѓето во соседството и околината. Но, и таквите објекти трпат одредена штета, иако Кашани смета дека тоа веројатно може да се подобри во следниот период со подобрување на градежната регулатива.

Експерти ќе патуваат во земјотресното подрачје во Турција и Сирија за да го проучат квалитетот на градбата. Ќе се обидат да разберат кои карактеристики дозволиле зградите кои останале неоштетени да не се урнат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни