Женска посада во вселената – меѓу нив и познатата Кејти Пери која им пеела!

Ракетата „Њу Шепард“, од компанијата „Блу Ориџин“ на милијардерот Џеф Безос со целосно женска екипа, слета на Земјата по 11 минути лет во вселената.

Шестчлена женска екипа, вклучително и поп-ѕвездата Кејти Пери, слета во Тексас, јавува Би-Би-Си.

Ова е прва експедиција со целосно женски екипаж од советската мисија во 1963 година, а како што се предвидуваше, ракетата ја премина таканаречената Карман Линија, меѓународно признатата височина на која започнува вселената.

Покрај Пери, во беспилотната ракета Њу Шепард се и водителката Гејл Кинг, новинарката и партнерка на Џеф Безос, Лорен Санчез, ракетниот научник Ајша Боу, активистката за граѓански права Аманда Нгуен и филмската продуцентка Кериен Флин.

„Највозвишеното чувство“

По излегувањето од капсулата, Кејти и Гејл ја бакнаа земјата и изразија благодарност за искуството. Пејачката изјави дека главната емоција што ја почувствувала за време на ова патување била љубовта.

„Тоа е највозвишеното чувство. Целосно предавање на непознатото, доверба…“, изјави Пери.

На прашањето дали ќе напише песна за ова патување, таа се насмеа и одговори: „О, апсолутно, сто проценти“.

Би-Би-Си ги објави впечатоците на Гејл Кинг, која вели дека врв на нејзиното патување бил моментот кога Кети Пери ја испеала својата верзија на песната на Луис Армстронг „What a Wonderful World“.

Кинг додава дека патничките претходно ја замолиле Пери да ги пее нејзините хитови како „Firework“ и „Roar“, но дека таа тогаш им рекла: „Сега не се работи за мене, сакам да зборувам за светот“.

„Оваа мајка отиде во вселената“

Кериен Флин рече дека краткото патување во вселената било „најневеројатното искуство“ во нејзиниот живот.

Таа раскажала и како на нејзиниот син, кога им рекол на пријателите дека оди во вселената, му било кажано дека „мајките не одат во вселената“.

„Па, оваа мајка отиде во вселената“, вели Флин со насмевка.

„Толку сум горда на овој тим“, рече Лорен Санчез низ солзи по излегувањето од капсулата.

„Погледнав низ прозорецот и ја видов месечината. Земјата изгледаше толку тивко – беше тивка, но полна со живот“, додаде таа.

Санчез рече и дека меѓу жените во вселената има посебна радост и чувство на заедништво.

Ракетниот инженер Ајша Боу им изјави на новинарите дека после тоа искуство „никогаш повеќе нема да биде иста“, додавајќи дека Земјата е „убава“ кога се гледа одозгора.

„Нема граници, нема земји, постои само Земја“, рече научникот.

Боу рече дека „може да ја почувствува енергијата во капсулата“ и го опиша моментот кога сите жени од екипажот, по пристигнувањето во вселената, само се погледнаа во тишина, сфаќајќи ја големината на моментот.

Аманда Нгуен, активист за човекови права, рече дека е „неизмерно благодарна на сите што го овозможиле тоа“.

Таа додаде дека пред оваа мисија си ветила дека никогаш, ама баш никогаш нема да се откаже.

Некои добија бесплатни билети, а некои не

Портпаролот на Blue Origin, Бил Киркос, изјави за Си-Ен-Ен дека некои патници на денешниот лет летале бесплатно, додека други плаќале за своите места – но компанијата не открива кој ги платил билетите, а кој не.

Blue Origin се уште јавно не ги објавил цените на своите билети. Нивниот главен конкурент, Virgin Galactic, продава билети по цени меѓу 250.000 и 450.000 долари.

Блу Ориџин претходно носеше гости во вселената со своите ракети, вклучувајќи ја и Вали Фанк, која леташе со Џеф Безос во 2021 година.