Седницата во грчкиот парламент за ратификација на Договорот од Преспа започна со жестока дебата и во напната атмосфера. Опозицијата имаше голем број процедурални прашања, приговори и барања за одложување на седницата, но и најава за барање на гласање на доверба на премиерот Алексис Ципрас. Претседателот на грчкиот парламент Никос Буцис им порача дека доколку се случи нешто непредвидено, дискусијата наместо предвидените 28 може да трае и над 32 часа и дека одлуката е утревечер да биде гласањето. Заменик министерот за надворешни работи Јоргос Катругалос, кој го бранеше договорот рече дека со него Грција ја зајакнува својата дипломатска позиција во регионот. Тој им порача на пратениците дека нема никакви причини за страв и дека смешно е да се плашат од земја која е многу послаба. Овој договор, рече тој е постигнат благодарние на полтичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев . Дебатата во парламентот практично започна со пратеничката од Сириза, Атанасиа Анагностопулу која го поздрави договорот.
„Договорот од Преспа е прва превентивна, стабилна и мирна акција што се случи во овој регион“, изјави Атанасиа Анагностопулу од партијата Сириза.
Јоргос Кумуцакос од опозициската Нова Демократија го нападна договорот и го оцени како погрешен.
„Грешка е. Една од оние кои ако се случи, потоа тешка е да се поправи, многу тешко да се поправи. Дојде времето за одговорност, време за големо „да“ или за големо „не“. Ние гласно велиме „не“, а вие штетно „да“. Треба да знаете дека грчкиот народ и историјата нема да ви простат“, изјави Јоргос Кукуцакос од Нова Демократија.
На твитер и јави и претседателот на Нова демократија Киријакос Мицотакис кој напиша:
„Националните линии се прегазени. Наместо да добиеме ерга омнес сложено име, дадовме ерга омнес македонски идентитет и јазик. Време е пратениците да ја преземат својата одговорност. Дали ќе кажат да за нешто што претходните премиери рекоа не“, искоментира Мицотакис.
Според распоредот на силите во парламентот премиерот Алексис Ципрас нема никакви дилеми дека ратификацијата на договорот ќе помине во грчкиот парламент, бидејќи се претпоставува дека поддршка ќе дадат меѓу 151 и 153 пратеници.
Во меѓувреме поддршка дадоа околу 250 грчки интелектуалци кои го ставија својот потпис на иницијатива за договорот од Преспа.
Порака упати и специјалниот пратеник на Обединетите нации и посредник во преговорите меѓу Макаедонија и Грција Метју Нимиц. Тој во интервју за грчката агенција рече дека неприфаќањето на Преспанскиот договор може да има сериозни и опасни последици.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА