Жичницата на Водно денеска нема да работи поради силен ветер

Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје информира дека жичницата кон Водно денеска нема да работи поради неповолни временски услови.

Како што посочуваат од претпријатието, засилениот ветер ја надминува дозволената граница за безбедно функционирање на системот, поради што е донесена одлука за привремено прекинување на работата.

„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од ЈСП Скопје.

Оттаму апелираат до граѓаните за разбирање и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за повторното пуштање во употреба на жичницата.