Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, Манолис Скордилис изјави дека ситуацијата на грчкиот остров Санторини е исклучително сериозна и дека можни се земјотреси со јачина над шест степени според Рихтеровата скала, објави порталот Хелас сега, наведувајќи дека жителите постепено го напуштаат островот.
Луѓето набрзина купуваат билети за да го напуштат островот, па синоќа имаше многу долги редици пред шалтерот за билети во Фира на Санторини.
Во текот на ноќта и рано утрово продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, но грчките сеизмолози уверуваат дека ситуацијата се следи внимателно и нема причина за паника. Сепак, според грчките медиуми, голем број граѓани од синоќа го напуштаат островот.
Последниот земјотрес што ја стресе Грција утрово беше со јачина од 4,7 степени според Рихтер, во близина на селото Оиа кое се наоѓа на Санторини.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос не надминуваат 4,4 степени.
Директорот на институтот, Василис Карастатис, истакна дека епицентарот на последователните потреси се поместува североисточно од Санторини, што, според него, е позитивен знак, бидејќи го намалува ризикот од сериозни последици врз инфраструктурата на островот.
Училиштата се затворени, а екипите за итни случаи беа испратени на вулканскиот грчки остров Санторини денеска, откако сеизмичката активност нагло се зголеми во последните денови. Сеизмолозите изразија загриженост за потенцијално силен земјотрес.
Мерки на претпазливост беа наредени и на неколку блиски острови – сè попопуларни дестинации за летни одмори – откако во изминатите три дена беа регистрирани повеќе од 200 подводни земјотреси во областа, пишува Екатимерини.