Жителите на скопската населба Капиштец најавија мирен протест што ќе се одржи утре, 11 јуни, во 19 часот, кај кошаркарското игралиште во населбата, како реакција на, како што велат, континуираната бучава од угостителските објекти.
Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи упати повик до жителите да излезат и да го изразат незадоволството.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, наведуваат организаторите во повикот за протест.
Жителите бараат почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и заштита на јавниот ред и мир во населбата. Според нив, протестот има цел да обезбеди „мирен и безбеден Капиштец за сите жители и нивните деца“, при што нагласуваат дека не бараат привилегии, туку доследна примена на законите.
Во објавите на иницијативата се наведува дека проблемот со бучавата трае подолг период, особено во вечерните и ноќните часови, поради музика од угостителски објекти и групи кои се задржуваат во јавниот простор.
Жителите изразуваат и незадоволство од, како што велат, недоволното постапување на надлежните институции за заштита на јавниот ред и мир.
Капиштец е една од најгусто населените урбани населби во Скопје, каде жителите во последните години сè почесто реагираат на проблемот со бучава, кој го посочуваат и како еколошки и здравствен предизвик.