
Едни убиени со пушка. Други се бркаа да се фатат со раце. 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка утрово завршија во ѓубре, поради потврден случај на птичји грип во скопската зоолошка градина.
„По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина Скопје и поставен сомнеж за болеста Птичји грип извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на неколку видови птици.“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Зоолошката градина денеска остана затворена, а вработените се евакуирани. Забранет е влез и излез на животните од живеалиштата.
„Наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на Птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето“, велат од АХВ.

Во следните 21 ден зоолошката градина ќе биде затворена за посетители. Од установата пак обвинуваат дека без никакво објаснување, инспекторите во придружба на вооружени лица утринава убиле неколку птици за кои од зоолошката велат дека имале слободен пристап до дворот, а истите шетале и во градскиот парк.
„Без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина“, изјавија од Зоолошката градина.
Во зоолошката пред 3 дена почина лавот донесен од Белград, а пред два месеца беше евтанизирана една од слониците. Лани беа отруени три расни коњи, а во градината повеќе нема ниту една жирафа.
Последните случаи на појава на инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.