Генералниот директор на Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) на Република Српска, Владо Ѓајиќ, изјави дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик, бил опериран во Белград бидејќи се работи за сложена процедура, а УКЦ се уште не врши такви интервенции.
„Операцијата на хранопроводникот, поради својата анатомска структура, е една од најкомплексните, а ние не сме ја совладале оваа технологија. Ваквите операции се вршат во престижни медицински установи. Затоа не беше опериран во УКЦ“, изјави Ѓајиќ за новинарите во Бања Лука, одговарајќи на прашањето зошто претседателот на РС не бил опериран во тамошниот Клинички центар.
Ѓајиќ потсети дека Додик претходно бил опериран во Клиничкиот центар, а за време на пандемијата на корона вирусот бил хоспитализиран со дијагноза тешка пневмонија.
„Претседателот претходно имаше операција на крајниците, но и тешка пневмонија за време на пандемијата. Не сакаше да оди никаде“, изјави Ѓајиќ, цитиран од Срна.
Тој рече дека многу клиники во регионот не вршат секаков вид операции и дека тоа е нормално со оглед на сложената работа и посочи дека специјалистите вработени во УКЦ се подготвуваат за едукација.
Претседателот на Република Српска во понеделникот бил опериран во Белград, а како што дознава N1 операцијата била извршена во приватната клиника Медигруп.
По операцијата, Додик изрази благодарност до сите што го поддржаа, а особено му се заблагодари на лекарот Предраг Пешко и неговиот тим составен од лекарите Симиќ, Ивановиќ, Скробиќ и Пандуревиќ, кои направија комплицирана и напорна операција.
Им благодарам и на лекарите Манојловиќ, Грубор и Влад Ѓајиќ, кои цело време беа тука за мене“, нагласи претседателот Додик.
Доктор Предраг Пешко е специјалист по општа хирургија, а бил директор на Центарот за хирургија на хранопроводникот при Клиничкиот центар на Србија. Редовен професор е на Катедрата за хирургија со анестезија на Медицинскиот факултет во Белград.
