Во Србија веќе се потврдени два случаи на зараза со вирусот Западен Нил, а со оглед на тоа дека заразените комарци се носители на оваа сезонска болест, постои можност во наредниот период да ги има повеќе. Затоа јавно здравствените институти за да го намалат ризикот од дополнителна инфекција издадоа препораки за заштита на населението од опасноста од Западен Нил.
„Користење репеленти на отворени делови од телото кога сте на отворено. Носење облека со долги ракави и светла боја. Се препорачува облеката да биде удобна, бидејќи комарците можат да каснат преку тесните алишта“, наведуваат од Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ за мерките за лична заштита.
Треба да избегнувате да бидете на отворено во периодот на најинтензивна активност на комарците – во самрак и во зори.
Се препорачува престој во климатизирани простории, бидејќи бројот на инсекти во вакви услови е значително намален, а да се избегнуваат површини со голем број инсекти, како што се шуми и брегови на реки, езера, бари.
„Една од мерките е да се намали бројот на комарци на отворено каде што работите, играте или престојувате, што се постигнува со одведување на изворот на застоена вода. На овој начин се намалува бројот на места каде што комарците можат да ги снесат јајцата. Најмалку еднаш неделно, водата треба да се испразни од саксии, садови за храна и вода за домашни миленици, кофи, буриња и лименки. Исчистете ги затнатите олуци на покривот, отстранете ги фрлените гуми и другите предмети што можат да собираат вода“, велат од Институтот Батут.
Исто така, се советува да се постават заштитни мрежи против комарци на прозорците, вратите или околу креветот, но и да се затворат сите пукнатини и празнини во ѕидовите, прозорците и вратите за да се спречи влегувањето на комарците во куќата, а со тоа да се намали можност за каснувања.
Најлоните, церадите и другите материјали треба да се фрлаат на таков начин што ќе се избегне таложење на дождовница. Дупките на дрвјата, каменот или бетонот каде што се акумулира вода треба да се полнат со песок или бетон, а капаците на септичките јами треба да бидат херметички затворени.
Во случај на патување во странство, особено ако се работи за тропска и суптропска област, задолжително е да се придржувате до сите споменати превентивни мерки, а во случај на појава на какви било симптоми кои се компатибилни со невро-инвазивната форма на болест, тие советуваат дека веднаш треба да се јавите кај вашиот избран лекар.