11 месеци затвор за таткото што нападна јуниори на натпреварот Брегалница – Шкупи

Основниот суд во Штип денеска ја изрече пресудата за Авни Абдуљи од Скопје, кој е осуден на 11 месеци затвор за насилство извршено на јуниорскиот фудбалски натпревар помеѓу Брегалница (Штип) и Шкупи (Скопје). Абдуљи влегол на теренот и физички нападнал двајца млади фудбалери, нанесувајќи им телесни повреди. Според Кривичниот законик, за вакво дело е предвидена казна и до пет години затвор.

Портпаролот на штипскиот суд, Саше Георгиев, изјави дека засега нема дополнителни детали околу пресудата и дека целосното образложение ќе биде објавено за неколку дена. Тогаш ќе се знае и дали во текот на судскиот процес имало промена на исказите на родителите на повредените деца и кои факти влијаеле врз конечната одлука.

Основната јавна обвинителка Татјана Кацарова најави дека ќе одлучат за евентуална жалба по приемот на писмената пресуда.

Инцидентот се случи на 24 август 2025 година, во 89. минута од натпреварот меѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи. Откако судијата му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на обвинетиот, тој реагирал со неспортски удар кон противнички играч, по што таткото влетал на теренот и почнал да удира двајца играчи на Брегалница со тупаници и клоци. Натпреварот бил веднаш прекинат, а повредените деца биле пренесени во Клиничката болница во Штип.

По настанот, со итна реакција се огласи и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која донесе неколку дисциплински мерки од кои: Леарт Абдуљи беше исклучен од фудбалската организација, тримесечна забрана за настап имаа Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, додека пак Симеон Гоцев беше суспендиран на 4 натпревари.

ФФМ поведе и дисциплински постапки против двата клуба поради организациска и колективна одговорност, како и против Алејса Виши, координатор за младинските категории во ФК Шкупи