Утре повеќе од 220 учесници ќе се обидат да го фатат светиот крст, кој традиционално ќе биде положен во реката Вардар во Скопје по повод празникот Богојавление-Водици. Овој обред на осветување на водите и поставување на Чесниот крст ќе го организира Скопската православна епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Според информациите од епархијата, литургијата ќе започне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува архиерејот Јосиф. По завршувањето на службата, во 11:30 часот, архиерејот и свештенството ќе тргнат кон мостот „Слобода“, каде што ќе започне обредот на водосвет, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.
Околу пладне, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, ќе го фрли светиот крст во водите на реката Вардар по повод празникот Богојавление-Водици.
Овој празник се слави од вториот век и во христијанската традиција се верува дека на денот на Богојавление Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот е познат и како Водици поради големиот водосвет што се извршува на овој ден.
Според народните верувања, оној кој ќе го фати крстот ќе има среќа и благослов цела година. Се смета дека фаќањето на крстот ја симболизира врската помеѓу човекот и Христос, а исто така, се верува дека со осветувањето на водата, таа станува лековита.