Поддршката на граѓаните за членство на Северна Македонија во Европската Унија бележи значителен пораст, покажува најновото истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Според податоците, 71 процент од граѓаните се изјасниле позитивно за евроинтеграциите, при што ЕУ продолжува да се смета за најдоверлив партнер на земјата, особено во услови на неизвесна надворешна политика на САД.
Истражувањето, спроведено во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година на примерок од 1.003 испитаници од сите шест изборни единици, покажува дека сè повеќе граѓани ја перцепираат Македонија како дел од Западот, што е резултат на последните геополитички случувања и дебатите за ориентација кон истокот.
Директорот на Институтот, Марко Трошановски, истакнува дека се работи за значителен скок во поддршката за ЕУ, посебно поради сменетото расположение во македонската јавност. „Намалени се и оние граѓани кои сметаат дека Македонија направила доволно и дека веќе не треба да се преземаат активности. Овој процент падна за осум отсто“, вели Трошановски.
Трошановски нагласува дека очекувањата за промена на условите за уставни измени се нереални и повикува политичките партии веднаш да продолжат со реформите. „Немаме повеќе изговори за одредени законски решенија. Ова е нашата единствена домашна задача. Сѐ друго е потрошен живот и потрошена политика“, додава тој.
Според него, отпорот кон уставните измени останува значителен, но статус-квото штети на двете страни, особено на македонските граѓани. „Време е да подадеме рака на бугарскиот сосед, да ги уважиме нивните интереси и да побараме решение според европските стандарди“, нагласува Трошановски.
Истражувањето покажува дека поддршката за ЕУ во однос на ланската година е зголемена за речиси 10 проценти, а растот е забележан и меѓу гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, што се поврзува со нивното доаѓање на власт.
