Граѓаните ќе добијат повисоки сметки за струја за јули. Се поизвесно е дека новите фактури кои треба да се испорачаат ќе бидат со новата цена, но без намалено ДДВ, зашто законот за намалувањето се уште не е поминат во Собрание, а повисоката цена од 12,4 проценти важи од први јули. И министерот за финансии Бесими посочи дека додека не се донесе законското решение, сметките ќе се пресметуваат со ДДВ од 18 отсто, наместо со 5 проценти како што се очекуваше.
И од ЕВН го потврдија истото. Од компанијата веќе ги подготвуваат новите фактури. Се уште нема издадено нови фактури, но се додека не се донесе законот ќе се калкулира старото ДДВ од 18 проценти, велат за Сител од ЕВН. Од регулаторната комисија со апел – побргу да се донесе новото законско решение.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) пред една година по направените долгорочни анализи во енергетскиот сектор апелираше до сите партии да изгласаат намалување на ДДВ за електрична енергија со цел да се заштитат потрошувачите. За истата иницијатива беше известена и Владата, велат од РКЕ.
Законот за намалување на ДДВ-то ја помина комисиската расправа во собранието, но пленарна седница најрано може да се најде на 17 или на 22 јули. Откако парламентот ќе го донесе законот, истиот треба да влезе во службен весник за да стапи на сила.
Инаку Владата одлучи да го намали ДДВ то за струја за да го ублажи ударот врз домаќинствата од новиот скок на цената на електричната енергија.
