Свет

Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН

Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН

Според украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, тоа треба да се случи веднаш

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба побара од земјите-членки на Советот за безбедност на ОН итно да разговараат за практични чекори за обезбедување на безбедноста на неговата земја и намалување на тензиите со Русија, пренесоа агенциите.

Во пораката на министерот на Твитер се вели дека таква средба треба да се одржи веднаш.

Кулеба напиша и дека по изјавите на Русија за можното признавање на двата региона, сите треба да се фокусираат на напорите за деескалација.

„Сите се свесни за последиците. Има многу емоции, но во моментов сите треба мирно да се фокусираме на напорите за деескалација. Нема друг начин“, рече тој.

Русија е постојана членка на Советот за безбедност, што и дава право на вето, потсетува Ројтерс.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека свикал итен состанок на Советот за национална безбедност и одбрана поради повиците за признавање на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск за време на денешниот Совет за национална безбедност на Русија.

„Во врска со изјавите дадени за време на состанокот на Советот за безбедност на Руската Федерација, одржав итна консултација со Емануел Макрон и Олаф Шолц и свикав состанок на Советот за национална безбедност и одбрана“, напиша украинскиот лидер на Твитер. 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни