Европа го прекина увозот на руски јаглен за 4 милијарди евра. Ова е дел од петтиот пакет санкции против Русија. Засегнати се и руски банки, компании и луѓе блиски до владата.
Она што е ново е тоа што за првпат се погодени руските енергетски резерви. Запрен увозот на руски јаглен. Веќе се зборува за идна суспензија на руската нафта, иако се уште има противници меѓу земјите-членки. Сепак, руското ембарго за гас останува табу тема за Европа.
Санкциите, кои ќе добијат зелено светло утре, воведуваат целосна забрана за трансакции со 4 руски банки, кои претставуваат 23% од банкарскиот сектор во Русија.
Целосно е прекинат пристапот на руските компании до јавните набавки во Европа.
Руските бродови повеќе нема да имаат пристап до европските пристаништа.
„Злосторствата не треба и нема да останат без одговор. Сторителите на овие ужасни злосторства не треба да останат неказнети. ЕУ формираше заеднички истражен тим со Украина“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
„Санкциите ќе се интензивираат додека руската агресија продолжува. Дополнително ја оштетуваме воената машина на Путин како одговор на трагедијата што ја изврши руската војска во Буча, едно од местата окупирани од Русија. Згрозени сме и од бруталните сцени во Мариупол и од застрашувачките снимки од огромен број загинати цивили и уништена инфраструктура“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.
Во изминатите 24 часа, земјите-членки на ЕУ одлучија да протераат повеќе од 170 руски дипломати. Имаат до 72 часа да ја напуштат ЕУ.