Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, изјави дека голем дел од населението на Газа моментално гладува.
На прес-конференцијата, Гебрејесус нагласи дека ситуацијата во Газа е драматична, оценувајќи дека „голем дел од населението“ е погодено од гладот што е широко распространет во областа, пишува Гардијан.
Според властите во Газа, најмалку 10 лица починале од глад во последните 24 часа, а вкупниот број на жртви достигна 111, вклучувајќи 80 деца.
Хуманитарните организации, вклучувајќи ги „Лекари без граници“ и „Оксфам“, го повикаа Израел да овозможи непречен пристап до хуманитарна помош за да се ублажи растечката криза.
Во заедничко писмо, 109 хуманитарни агенции предупредија на опасноста од неискористување на тони храна, медицински материјали и други залихи поради ограничувањата во дистрибуцијата на помошта.
„На хуманитарните организации им е забранет пристапот, а помошта останува недопрена во магацините“, се наведува во писмото.
Организациите тврдат дека израелската влада спречува ефикасна дистрибуција на храна и друга помош, дополнително влошувајќи ја ситуацијата на терен.
Неодамна, 28 земји, вклучувајќи ја Велика Британија и други сојузници на Израел, повикаа на итен прекин на конфликтот и го опишаа задржувањето на помошта како „неприфатливо“. Хуманитарните организации ја критикуваат новата организација што дистрибуира помош во Газа – Хуманитарната фондација за Газа (GHF), која е поддржана од САД и Израел.