Најмалку пет лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што утрово се случи на штаерскиот автопат во Словенија, во близина на излезот Словенска Коњица, во насока кон Љубљана.
Според првичните информации од словенечката полиција, несреќата се случила околу 10:30 часот кога возач на комбе со странски регистарски таблички удрил во камион кој стоел во колона поради претходно забавен сообраќај. Ударот бил силен, а возилото целосно уништено.
Teška nesreća na autocesti Maribor-Ljubljana, pet osoba je poginulo https://t.co/AA2y25dE8h #tuzlarijenet #tuzla
— Tuzlarije.net (@Tuzlarijenet) July 30, 2025
Првично беше соопштено дека четири лица загинале на самото место, а уште две биле префрлени во болница со тешки повреди. За жал, едно од повредените лица подоцна им подлегнало на повредите, со што бројот на жртви се искачи на пет. Ниеден од загинатите не е државјанин на Словенија, потврди полицијата.
На терен интервенираа повеќе екипи на брза помош, пожарникари, како и воен хеликоптер кој слета во близина на местото на несреќата за што побрз транспорт на повредените. Полицијата го обезбедува местото и врши увид за да ги утврди причините за трагедијата.
Сообраќајот на делницата каде се случи несреќата е целосно блокиран, а властите ги повикуваат возачите да користат алтернативни правци и да ја следат состојбата преку официјалните канали.