Обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство денеска била повикана во Јавното обвинителство каде дала исказ за случајот „Рекет“. Jосифовска претходно за ТВ21 потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за да му се одобри времен пасош на Камчев. Вели дека во отсуство на шефицата на СЈО таа ја заменува и ги потпишува сите документи, а во тоа време Јанева била на одмор. Додава дека мислењето за пасошот на Камчев била одлука на Јанева и како нејзина заменичка била должна да ја потпише. Во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“, беа споменати СЈО, Катица Јанева и обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова. Стефанова, која го води предметот „Империја“, е повикана утре во Јавното обвинителство да даде исказ за случајот „Рекет“, додека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е вратена од годишен одмор и од денеска е официјално на работа, засега не е повикана да даде исказ во Јавното обвинителство.