Партиите имаат рок до 27 август да се договорат за Законот за јавно обвинителство, бидејќи точката веќе е ставена на дневен ред во законодавниот дом. Доколку нема договор, тогаш се очекува пратениците да расправаат за предлог текстот кој до Собранието го достави Владата, односно министерката за правда Рената Дескоска.
За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.
Засега нема ниту двотретинско мнозинство, ниту пак усогласување на ставовите помеѓу власта и опозицијата. Нова средба помеѓу работните групи ќе има, најверојатно в понеделник, но ставовите не се сменети.
Опозицијата вели дека за ваков закон потребен е консензус, а такво нешто во моментов нема. Според ВМРО-ДПМНЕ за тоа виновна е власта.
Министерката за правда Рената Дескоска, неделава во интервју за еден дневен весник изјави дека каменот на сопнување во текот на преговорите не била Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази.
Последната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство се одржа во јули.
Предлог законот кој е доставен до Собранието треба да се гласа по скратена постапка. Што поскоро изгласување побара и Брисел.
РЕПОРТЕР: ЕДИН РАСТОДЕР