Македонија

Ристов: Без мерките на Владата, дизелот би чинел над 120 денари

Ристов: Без мерките на Владата, дизелот би чинел над 120 денари

Продуктоводот од Солун до Скопје е еден од важните елементи во синџирот на снабдување со нафтени деривати и придонесува за стабилноста на цените на горивата, оцени претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов објасни дека Македонија, како и земјите од регионот, е зависна од увозот на нафтени деривати, а референтната влезна цена се формира според берзанските цени на Медитеранот.

Според него, покрај берзанската цена, во крајната цена на горивата влегуваат и транспортот, малопродажните маржи, складирањето, транспортот до бензинските станици, еколошката такса, но и даночните давачки.

Како дополнителни мерки со кои се влијае врз крајната цена, Ристов ги посочи акцизата и данокот на додадена вредност (ДДВ).

Тој рече дека при нагли движења на берзанските цени, РКЕ ги доставува своите пресметки до Владата, по што се разгледуваат можностите за интервенција.

„Моментално на акцизата за нафтените деривати има четири денари намалување кај дизелот, а кај дизелот исто така се намали ДДВ од 18 на 10 проценти“, рече Ристов.

Според него, овие две мерки имаат директно влијание врз крајната цена на дизелот.

„Доколку не би биле овие две мерки, ние денес дизелот треба да чини некаде 120, 5-6 денари“, изјави претседателот на РКЕ.

Ристов објасни и дека цената на горивата не се пресметува врз основа на дневните берзански движења. РКЕ прави седумдневен пресек на движењето на цените на нафтените деривати на берзата „Платс“, по што се формира просечна цена.

Дополнително, на секои 15 дена се прави пресек кој се доставува до Царината и Министерството за финансии, особено поради пресметката на акцизата.

Според Ристов, токму седумдневниот период овозможува поголема предвидливост и спречува наглите дневни промени на светските берзи директно да се прелеваат врз потрошувачите.

„Дневното движење, доколку би биле дневно промена на цените, прво тоа би било многу нестабилно“, објасни Ристов.

Тој посочи дека промената на цените на горивата е сложен процес кој треба да се спроведе низ целиот синџир – од увозниците и царинските служби до компаниите и бензинските станици.

„Замислете тоа секој ден да го правите, а потрошувачите ќе бидат изненадени затоа што не можат да планираат“, рече Ристов, додавајќи дека неделното регулирање обезбедува поголема предвидливост и за компаниите и за граѓаните.

Како пример за нестабилноста на берзанските цени, Ристов посочи дека се случувале големи дневни скокови кај дизелот.

„Тоа значи дека ние треба во еден ден да качиме 15 денари, утредента цената да ја вратиме 13 денари. Тоа е нешто што нема никој да знае колку е цената“, рече тој.

Во однос на продуктоводот, Ристов посочи дека преку транспортот од Солун до Скопје се намалуваат трошоците за транспорт во споредба со превозот со цистерни. Преку системот во моментов се транспортира дизел, а тој е дел од инфраструктурата преку која се обезбедува снабдување на Македонија и на дел од регионот.

Ристов нагласи дека стабилното снабдување, резервите, транспортната инфраструктура и мерките поврзани со даночните давачки се меѓу факторите што влијаат врз крајната цена на горивата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни