Македонија

Полицијата доби 33 нови мотоцикли за контрола на сообраќајот

Полицијата доби 33 нови мотоцикли за контрола на сообраќајот

Полициските единици за контрола на сообраќајот се опремуваат со нова техника, откако денеска беа предадени 33 нови полициски мотоцикли, заедно со комплетна заштитна опрема за службениците.

Мотоциклите се од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“, а набавката ја обезбеди Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, односно околу 274.000 евра.

Новите мотоцикли денеска ги предадоа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски.

Покрај мотоциклите, службениците добија и заштитни кациги, јакни, панталони, чизми, како и летни и зимски ракавици. Според надлежните, со новата опрема ќе се подобрат условите за работа на полициските службеници и ќе се зголеми нивната мобилност при контролите на терен.

Тошковски истакна дека набавката е пример за меѓуинституционална соработка насочена кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Тој посочи дека модернизацијата на полициската опрема се надоврзува и на проектот „Безбеден град“, кој, како што рече, веќе дава видливи резултати.

„Зад секоја статистика стои човечки живот, нечие семејство или дете. Ако со сите овие мерки, новата опрема и проектот „Безбеден град“ успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар вредел“, порача Тошковски.

Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, најави дека Советот и во иднина ќе продолжи да издвојува средства за опремување на единиците задолжени за контрола на сообраќајот.

Крајната цел, како што посочи, е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и спасување што е можно повеќе животи на патиштата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни