Македонија

До 360.000 денари поддршка за жените земјоделки – јавниот повик е отворен до 13 ноември

До 360.000 денари поддршка за жените земјоделки – јавниот повик е отворен до 13 ноември

Жените кои се носителки или членки на регистрирани земјоделски стопанства можат да аплицираат за финансиска поддршка до 360.000 денари преку мерката 115, за која јавниот повик е отворен до 13 ноември. Мерката беше во фокусот на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени во Струмица, каде што беше истакната потребата од поголемо економско зајакнување на жените во руралните средини.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој учествуваше на настанот, порача дека руралните жени ќе продолжат да ја добиваат поддршката од државата.

„Руралната жена секогаш ќе ја добива поддршката од државата“, истакна Серафимовски, посочувајќи го актуелниот јавен повик за мерката 115, наменета за активните жени во земјоделските домаќинства.

Со оваа мерка се обезбедуваат средства за набавка на опрема за преработка и доработка на примарни земјоделски производи, како и за услуги поврзани со спроведувањето на деловниот план на инвестицијата.

Право на аплицирање имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, во кои носител или член е жена.

Руралните жени бараат поддршка приспособена на нивните потреби

На панел-дискусијата посветена на улогата на жените во одржливото земјоделство и руралниот развој беше нагласено дека постојните мерки не секогаш одговараат на вистинските потреби на жените што живеат и работат во селските средини.

Вустасова, една од учесничките во дискусијата, посочи дека е потребно институциите поинаку да ја насочуваат поддршката за да може таа да даде конкретни резултати.

„Најголем предизвик е поддршката што треба државата првин да ја насочи кон тие жени, затоа што мерките кои се скроени не се соодветни на нивните потреби“, истакна таа.

Според неа, организациите што работат со руралните жени продолжуваат со застапување на локално и национално ниво за воведување мерки кои ќе им овозможат поголема економска самостојност и подобри услови за работа.

Рокот за аплицирање истекува на 13 ноември

Според објавениот јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, максималната кофинансирана вредност на прифатливите трошоци по корисник изнесува 360.000 денари.

Заинтересираните земјоделски стопанства треба да поднесат барање со потребната документација, лично во писарницата на Агенцијата или по препорачана пошта.

При изборот на корисниците ќе се применува систем на бодување според пропишаните критериуми, а земјоделските стопанства што претходно користеле средства од истата мерка нема да можат повторно да добијат поддршка за ист тип инвестиција.

Максималниот рок за реализација на одобрената инвестиција е шест месеци од потпишувањето на договорот.

Жените имаат значајна улога во развојот на руралните средини

Меѓународниот ден на руралните жени, 15 Октомври, годинава беше одбележан со пораки за нивниот придонес во производството на храна, зачувувањето на биолошката разновидност и заштитата на природните ресурси.

На настанот во Струмица беше посочено дека покрај постојните финансиски мерки, потребно е да се работи и на создавање подобри услови за женското претприемништво, поголема вклученост во одлучувањето и зајакнување на економската положба на жените кои живеат од земјоделството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни