Француските власти донесоа одлука за забрана на сите протести во Лион на 24 октомври, по насилните немири што избија минатиот викенд за време на демонстрациите против високите трошоци за живот.
Префектурата на департманот Рона денеска соопшти дека забраната е воведена поради сериозните инциденти што се случиле на 17 октомври, кога дел од демонстрациите прераснале во судири со полицијата, грабежи и уништување имот.
„Имајќи ги предвид настаните од 17 октомври, префектот одлучи со наредба да ги забрани сите протести во градот Лион во сабота, 24 октомври“, се наведува во официјалното соопштение.
За време на протестите, маскирани млади лица излегле на централните улици, по што започнале судири и ограбувања на продавници. Слични инциденти биле регистрирани и во Париз и во други француски градови.
Градоначалникот на Лион, Грегори Дусе, изјави дека градот поминал низ часови на хаос. Според неговите информации, биле ограбени меѓу 150 и 200 продавници, а бил запален и туристички информативен центар.
Полицијата привела околу 200 лица поврзани со немирите.
И покрај насилството, организаторите на протестите, меѓу кои движењето „Жолти елеци“ и синдикалните организации, повикаа на нови демонстрации низ цела Франција на 24 октомври, незадоволни од високата инфлација и зголемените животни трошоци.
За 5 ноември е најавен и генерален штрајк, проследен со нови протестни собири.
Во обид да спречат повторување на насилството, француските власти претходно воведоа тридневен полициски час во делови од Париз, Лион и други градови.
Мерката беше насочена кон заштита на трговските зони, кои беа меѓу најпогодените за време на претходните немири.
Забраната за протести во Лион стапува на сила во сабота, кога низ останатите делови на Франција се очекуваат нови демонстрации.