Израел се соочува со неизвесна политичка иднина по изборите, на кои до 10 часот наутро гласале 16,7 проценти од избирачите, односно околу 1,2 милиони луѓе. Според објавените податоци, станува збор за највисока утринска излезност во истиот период од денот од 1981 година.
Изборната трка меѓу актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху и опозицискиот табор предводен од поранешниот началник на Генералштабот Гади Ајзенкот се одвива во услови на длабоки политички поделби и безбедносни предизвици. Анкетите објавени пред гласањето покажуваат неизвесен резултат, а процените укажуваат дека ниту еден блок можеби нема да освои 61 пратеничко место, неопходни за парламентарно мнозинство.
Таквиот исход би можел да доведе до долги коалициски преговори, а доколку партиите не успеат да постигнат договор, земјата би можела повторно да се соочи со политички ќор-сокак, пренесува Би-Би-Си.
Безбедноста во фокусот на изборите
Една од главните теми во кампањата е безбедноста на Израел. Опозицијата го критикува Нетанјаху за пропустите што му претходеа на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во нападите загинаа речиси 1.200 луѓе, а 251 лице беше однесено како заложник во Појасот Газа.
Опозициските партии бараат формирање независна истражна комисија која ќе ги испита околностите и одговорноста за безбедносните пропусти. Нетанјаху долго време се противи на ваквиот предлог, оценувајќи дека комисијата би можела да биде пристрасна кон него.
Премиерот, и покрај критиките, во кампањата ја истакнува својата безбедносна политика, воените операции на Израел на Блискиот Исток и блиските односи со американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелскиот изборен систем се заснова на пропорционална застапеност, поради што владите се формираат преку коалиции. Во актуелната трка, опозицискиот „блок за промени“ ги обединува партиите кои, и покрај идеолошките разлики, имаат заедничка цел – смена на Нетанјаху.
Меѓу најзначајните фигури во овој табор се Гади Ајзенкот, лидер на партијата „Јашар“, поранешниот премиер Нафтали Бенет, Авигдор Либерман и Јаир Голан.
За да обезбеди нов мандат, Нетанјаху ќе треба да ја задржи поддршката од крајнодесничарските и ултраортодоксните партии, кои се дел од неговата актуелна коалиција.
Судските реформи и прашањето за демократијата
Покрај безбедноста, важен дел од изборната кампања се и прашањата за демократските институции и независноста на правосудството.
Опозицијата предупредува на последиците од политиките на Нетанјаху, кој се соочува со судење за корупција, обвиненија што тој ги негира. Неговите планови за реформи во правосудниот систем претходно предизвикаа масовни протести во Израел.
Во пресрет на изборите, израелскиот „Канал 12“ објави дека Нетанјаху наводно повикал на итна воена акција која би можела да доведе до конфликт со Иран, но дека на тоа се спротивставил началникот на Генералштабот Ејал Замир.
Подоцна, Си-Ен-Ен објави дека израелскиот премиер се обидел да го убеди Трамп да нареди нови напади врз Иран, но американскиот претседател одбил. Нетанјаху ги демантираше двата извештаи.
Реакции предизвика и слика генерирана со вештачка интелигенција, која Нетанјаху ја објави кон крајот на кампањата, а на која е прикажана нуклеарна бомба што паѓа врз Тел Авив. Премиерот порача дека е единствениот лидер способен да го заштити Израел доколку Иран се здобие со нуклеарно оружје. Ајзенкот ја критикуваше неговата изјава и го нарече „хистеричен“.
Воената служба и војната во Газа
Воената регрутација е уште едно прашање што предизвикува поделби во израелското општество. Владата на Нетанјаху не ја спроведе одлуката на Врховниот суд со која се бараше и ултраортодоксните Евреи што посетуваат верски училишта да служат во војската.
Ова прашање предизвикува незадоволство кај дел од јавноста, особено поради фактот што илјадници други граѓани беа мобилизирани за воените операции.
Во однос на Газа, Ајзенкот најавува дека ќе се обиде да стави крај на владеењето на Хамас во рок од 18 месеци, преку мировен план предводен од САД или со воени средства. Израел, во меѓувреме, продолжува со напади врз Појасот Газа, наведувајќи дека цел се оперативци на Хамас.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, од почетокот на војната во октомври 2023 година загинале повеќе од 74.000 луѓе. Обединетите нации ги сметаат овие податоци за веродостојни.
Воените операции предизвикаа сè поголеми меѓународни критики за Израел, а односите со дел од неговите сојузници се влошија.
Тешки преговори за формирање влада
Во распределбата на мандатите важна улога би можеле да имаат и двата блока на арапски партии, кои претставуваат околу една петтина од населението. Иако нивната поддршка теоретски би можела да биде пресудна за формирање влада, речиси сите поголеми еврејски партии ја отфрлија можноста за соработка со нив.
Се шпекулираше дека арапските партии би можеле неформално да поддржат малцинска влада предводена од Ајзенкот, но Либерман, кој би можел да биде важен партнер во коалициските преговори, ја отфрли таа можност.
Дополнителна неизвесност создава и гласањето на Израелците кои живеат во странство, како и на младите граѓани кои првпат учествуваат на избори. Излезните анкети се очекува да дадат првична слика за резултатите, но конечната распределба на мандатите може да се разликува од првичните процени.
Броењето на гласовите од стотици илјади војници и резервисти треба да започне подоцна, што би можело да влијае врз конечниот распоред на мандатите.
Доколку ниту еден блок не обезбеди парламентарно мнозинство, Израел би можел да се соочи со нова политичка блокада. Во таков случај, би можеле да бидат распишани нови избори, додека Нетанјаху би останал на функцијата до формирањето нова влада.
Слична политичка неизвесност ја зафати земјата и во периодот од 2019 до 2022 година, кога Израел одржа пет изборни циклуси поради тешкотиите на партиите да формираат стабилна влада.