Густата магла, која на одделни делници ја намалила видливоста на само еден до два метра, се посочува како главен фактор за двете катастрофални верижни сообраќајни несреќи на бугарскиот автопат „Тракија“. Во судирите загинале 12 лица, а 48 се повредени, додека голем број автомобили и други возила останале уништени на коловозот.
Несреќите се случиле околу 7 часот наутро, во близина на клучката „Зимница“, на 290-тиот километар од автопатот. Поради сериозноста на инцидентите и последиците, делумна вонредна состојба е прогласена во општините Стралџа, Тунџа и Јамбол. Одлуката стапила во сила во 7:30 часот, по наредба на регионалниот гувернер на Јамбол, Георги Чалаков.
Сведоците опишуваат застрашувачки сцени и хаос на местото на несреќите. Еден од нив раскажал дека се наоѓал во второто возило и дека судирот го забележале во последен момент, додека автомобилите зад нив предизвикале дополнителни удари.
„Ова е кошмар“, изјавил друг сведок, посочувајќи дека поради екстремно слабата видливост возачите речиси воопшто не можеле да ги забележат возилата пред себе.
Тешки моменти преживеале и патниците во автобус полн со луѓе кои патувале на одмор. Една од патничките раскажала дека при ударот патниците биле натрупани едни врз други, а по излегувањето од автобусот се оддалечиле од страв дека може да избувне пожар.
Во двете несреќи учествувала и цистерна, но, според заменик-министерот за внатрешни работи на Бугарија, Калојан Калојанов, нема истекување на опасни материи. Тој информирал дека на коловозот не се забележани расфрлани опасни супстанции.
Размерите на трагедијата ги покажуваат и снимките направени со дрон, на кои се гледаат десетици уништени возила и големата материјална штета на автопатот.