Повеќе од 30.000 граѓани се вклучиле во големата акција за чистење на Скопје, која денеска се спроведувала на над 50 локации низ градот. Заедничката иницијатива обединила ученици, волонтери и други жители, а во акцијата учествувал и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека денот го поминал на Водно, заедно со учениците кои се приклучиле во расчистувањето на отпадот.
Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи им се заблагодари на сите учесници, посочувајќи дека нивниот ангажман претставува пример за одговорност и грижа за животната средина.
„Повеќе од 30.000 вредни луѓе повторно се обединија во најмасовната акција за расчистување на Скопје. На повеќе од 50 локации покажавме колкава сила има еден град кога неговите луѓе ќе се здружат за заедничкото добро“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посебно ги истакна учениците кои учествувале во акцијата на Водно, оценувајќи дека со својот пример покажале одговорност, совест и љубов кон градот.
Воедно, упати порака до граѓаните кои создаваат диви депонии и несовесно фрлаат отпад, повикувајќи ги да го променат однесувањето и да придонесат за почиста животна средина.
Ѓорѓиевски најави дека акциите за чистење ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се вклучат уште поголем број граѓани.
„Скопје се сака со дела. А денес, илјадници луѓе го покажаа тоа“, порача градоначалникот.