Балкан

Хашим Тачи осуден на 17 месеци затвор за попречување на правдата

Хашим Тачи осуден на 17 месеци затвор за попречување на правдата

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи доби затворска казна од 17 месеци во случајот поврзан со попречување на правдата и влијание врз сведоци во постапката за воени злосторства. За истиот случај, Башким Смакај и Фадил Фазлиу се осудени на по 12 месеци затвор, додека Хередин Кучи доби условна казна од еден месец со рок на проверка од една година. Исни Килај е ослободен од обвиненијата поради недостиг на докази.

Четворицата обвинети се прогласени за виновни за попречување на службено лице, мешање во кривична постапка и непочитување на судот. Обвиненијата се однесуваат на постапката за воени злосторства во која Тачи беше осуден на 25 години затвор, додека неговите соработници добија казни од 13, 18 и 25 години.

Судот ги прифати аргументите на обвинителството дека постапката за воени злосторства се одвивала во атмосфера на постојано заплашување, што придонело дел од сведоците да ги менуваат своите искази.

Во образложението на пресудата се наведува дека за време на посетите на Тачи во притвор во јули, септември и октомври биле откривани доверливи информации за судењето и идентитетот на сведоците. Според судот, тој им давал инструкции на посетителите кои требало да им бидат пренесени на сведоците, вклучително и насоки за тоа како да сведочат.

Како докази биле користени аудиоснимки од посетите, податоци од печатач во притворската единица преку кој биле печатени доверливи документи, како и материјали пронајдени при претреси на Косово.

Тачи ќе ја издржува казната по завршувањето на главното судење за воени злосторства и евентуалното потврдување на пресудата. Смакај и Фазлиу веќе се пуштени на слобода, бидејќи во притвор поминале повеќе од 12 месеци, колку што изнесуваат нивните казни.

Станува збор за првостепена пресуда, на која обвинетите имаат право на жалба.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни