Свет

Италија подготвува забрана за социјалните мрежи за деца под 13 години

Италија подготвува забрана за социјалните мрежи за деца под 13 години

Децата помлади од 13 години во Италија би можеле да го изгубат пристапот до сопствени профили на социјалните мрежи, доколку биде усвоен новиот владин предлог за ограничување на користењето на дигиталните платформи од страна на малолетниците.

Според предложените мерки, на децата под 13 години ќе им биде забрането да отвораат профили на социјалните мрежи. Малолетниците на возраст од 13 до 15 години ќе можат да ги користат платформите само доколку нивните профили се поврзани со сметка на еден од родителите, додека самостојни профили ќе бидат дозволени од 16-годишна возраст.

Мерката е дел од амандман на регулативата за безбедност што се разгледува во италијанскиот парламент. Се очекува предлогот да биде усвоен до крајот на декември, а според парламентарни извори, има поддршка од десничарската коалиција предводена од премиерката Џорџа Мелони.

„Овој амандман би можел да биде пресвртница за сите родители кои се борат со дигиталната зависност на своите деца, како и за самите малолетници“, изјави Фабио Рампели, пратеник од партијата „Браќа на Италија“ на Мелони.

Доколку предлогот биде усвоен, компаниите што управуваат со социјалните мрежи ќе мора да воведат системи за проверка на возраста на корисниците. Упатствата за оваа постапка треба да ги подготви италијанскиот регулатор за телекомуникации АГКОМ, во рок од девет месеци од стапувањето во сила на декретот.

Според сегашниот предлог, образовните апликации би биле изземени од ограничувањата, но можно е одредени детали да бидат изменети за време на парламентарната расправа.

Италија е меѓу последните земји што разгледуваат построги правила за пристап на децата до социјалните мрежи, следејќи ги примерите на Австралија, Бразил и Грција.

Предложените ограничувања доаѓаат во услови на сè поголема загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите. Дел од мерките се насочени и кон промена на алгоритмите на платформите, за да се намалат ризиците поврзани со прекумерното користење на дигиталните услуги.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни