Кардиоваскуларните заболувања и натаму се еден од најголемите здравствени предизвици во Македонија, а најновите статистички податоци повторно го потврдуваат нивното високо учество во смртноста. Во текот на 2025 година, речиси секој трет починат граѓанин ја загубил битката со болест на срцето или крвните садови.
Според конечните податоци на Државниот завод за статистика, од вкупно 20.287 починати лица, кај 6.888 причина за смртта биле заболувања на циркулаторниот систем, што претставува 34 проценти од сите смртни случаи.
Од нив, 3.354 биле мажи, а 3.534 жени.
Еден од значајните ризик-фактори за развој на кардиоваскуларни заболувања е високиот крвен притисок, кој често може да помине без забележителни симптоми. Токму затоа здравствените препораки укажуваат на важноста од редовно мерење на притисокот и контроли кај матичниот лекар.
При проценката на ризикот од срцев и мозочен удар, лекарите ги земаат предвид повеќе фактори, меѓу кои крвниот притисок, нивото на холестерол, пушењето, возраста и дијабетесот.
Симптомите што можат да укажуваат на срцев удар се болка или стегање во градите, отежнато дишење, ладна пот и болка која се шири кон раката или вилицата.
Мозочниот удар, пак, може да се манифестира со ненадејна слабост на едната страна од телото, спуштање на едната страна од лицето и нарушувања во говорот. Во вакви случаи неопходна е итна медицинска помош.
Здравствените препораки се редовно следење на крвниот притисок, навремени лекарски прегледи и проверка на факторите кои го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.