Македонија

Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика договорија итни мерки против семејното насилство

Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика договорија итни мерки против семејното насилство

Побрза реакција на институциите, навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите на семејно насилство се дел од мерките што ги договорија Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

На работен состанок во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, јавниот обвинител Ненад Савески разговарал со министрите Панче Тошковски и Ѓоко Велковски за воспоставување координиран систем на постапување во ваквите случаи.

Според договорениот протокол, МВР веднаш по приемот на секоја пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Потоа јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.

Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризикот и собирање на потребните докази. Целта е да се овозможи побрзо донесување обвинителски одлуки и преземање соодветни дејствија за кривично гонење.

Дополнително, трите институции ќе воспостават контакт-точки со определени лица кои постојано ќе бидат достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки.

Од Јавното обвинителство информираат дека мерките се договорени во услови на загрижувачки трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство. Со новиот начин на координација се очекува побрза институционална реакција, навремена заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно процесуирање на сторителите пред судовите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни