Македонија

Родителите на 63-те жртви од Кочани: Ни ветија два милиони денари за спомен-обележјето, сега сами собираме средства!

Родителите на 63-те жртви од Кочани: Ни ветија два милиони денари за спомен-обележјето, сега сами собираме средства!

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани бараат институциите да ги исполнат ветувањата за финансиска поддршка при изградбата на спомен-обележје посветено на жртвите.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов открија дека проектот за спомен-обележјето е веќе изработен, но дека за неговата реализација сè уште се потребни финансиски средства.

Според родителите, обележјето е предвидено да се изгради на централна локација во Кочани, место кое има посебно значење за младите кои ги загубија животите.

„Проектот е направен, навистина е убав, и сега останува да ги собереме средствата за да направиме спомен-обележје какво што тие деца заслужуваат“, посочија гостите.

Тие објаснија дека од Општина Кочани претходно им биле ветени два милиони денари, но дека настанале административни проблеми околу обезбедувањето и пренамената на средствата.

Според нивните изјави, првично добиле информација дека парите се обезбедени, потоа дека биле потрошени или пренаменети, а подоцна повторно било најавено нивно обезбедување.

Родителите бараат конкретна институционална одлука, наместо нови ветувања.

„Доста е со тоа ‘ќе биде’, ‘ќе помогнеме’. Тоа што ни е ветено, нека се исполни. Нека кажат дали можат или не можат“, порачаа тие.

Во меѓувреме, здружението на семејствата собира донации за изградба на спомен-обележјето. Информациите за донирање се објавени на нивната страница на Фејсбук, а поддршка може да даде секој што има можност.

Во емисијата родителите говореа и за потребата од долгорочна психолошка помош, нагласувајќи дека болката не исчезнува со текот на времето.

Тие изразија благодарност до стручните лица кои редовно им обезбедуваат психолошка поддршка, но нагласија дека ваквата помош ќе им биде потребна и во наредните години.

За семејствата, спомен-обележјето не претставува само место за сеќавање, туку и трајно предупредување за последиците од институционалните пропусти.

„Тоа треба да биде потсетник за трагедијата, за нашите деца никогаш да не бидат заборавени и никогаш повеќе да не се повтори нешто вакво“, порачаа родителите.

Тие нагласуваат дека борбата за правда и зачувувањето на споменот за нивните најблиски остануваат нивна најважна животна мисија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни