Македонија

Андонова откри потресен случај: Жена го пријавила насилникот, се повлекла кога го видела во судница, а по години повторно го пријавила!

Андонова откри потресен случај: Жена го пријавила насилникот, се повлекла кога го видела во судница, а по години повторно го пријавила!

Стравот, економската зависност и психолошкиот притисок се меѓу причините поради кои жртвите на семејно насилство понекогаш се откажуваат од пријавите, дури и кога постапката веќе стигнала пред суд.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ раскажа случај од своето професионално искуство, кој покажува колку е сложена борбата против семејното насилство.

Станува збор за жена која собрала храброст да го пријави насилникот, соработувала со институциите и учествувала во постапката за обезбедување докази.

Обвинителството успеало да прибере материјални и други докази, по што било поднесено обвинение.

Жртвата останала доследна на својата пријава сè до моментот кога влегла во судницата и повторно се соочила со насилникот.

„Беше истрајна сè додека не влезе во судницата и не го виде насилникот. Тогаш се случи сериозна промена кај неа и таа се повлече“, раскажа Андонова.

Според обвинителката, неколку години подоцна истата жена повторно го пријавила истото лице за насилство.

Андонова нагласи дека ваквите случаи покажуваат колку е важно жртвата да има континуирана психолошка, правна и економска поддршка.

Таа објасни дека претходните законски решенија во одредени случаи овозможувале повлекувањето на предлогот од жртвата да влијае врз продолжувањето на кривичното гонење.

Со законските измени, како што посочи, се проширува можноста за постапување по службена должност, со цел жртвите да не бидат оставени сами да го носат товарот на постапката.

Според Андонова, повлекувањето на пријавата не мора да значи дека насилството престанало. Напротив, зад таквата одлука може да стојат страв од одмазда, грижа за децата, финансиска зависност или недостиг од безбедно место за живеење.

Таа ја нагласи и улогата на центрите за социјални работи и невладините организации, кои можат да обезбедат психолошка помош, придружба при институционалните постапки и поддршка за економско осамостојување.

Андонова посочи дека во својата работа имала позитивни искуства со организации што ги придружувале жртвите во текот на целиот процес, но и по неговото завршување.

За крај, обвинителката испрати јасна порака до сите жртви на семејно и родово базирано насилство.

„Молчењето не е решение за нивните проблеми. Напротив, молчењето е само порака за насилникот да продолжи со своето однесување“, порача Андонова.

Таа ги охрабри жртвите да пријавуваат и да бараат институционална заштита, нагласувајќи дека пријавувањето е првиот чекор кон прекинување на кругот на насилството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни